1 Peter 2
1 Отфрлете, пак, од себеси секаква пакост и секаква измама и лицемерство и завист и секакво напаѓање,
2 и како новородените деца, бидете желни за вистинско и разумно млеко, та во него да пораснете за спасение,
3 бидејќи вкусивте дека е Господ благ.
4 Кога пристапувате кон Него, живиот камен, од луѓето отфрлен, но од Бога избран, драгоцен,
5 и вие сами, како живи камења, изградувајте од себе духовен дом, свештенство свето, за да принесете духовни жртви, кои Му се на Бога пријатни преку Исуса Христа.
6 Зашто во Писмото стои напишано: »Еве, на Сион клавам аголен Камен, одбран и скапоцен; и кој верува во Него, нема да се посрами!«
7 Вам, пак, кои верувате, Он ви е чест, а за неверниците – »камен, кого го отфрлија ѕидарите, но кој стана глава на аголот« и »камен за сопнување и камен за соблазнување«,
8 на кој тие се сопнуваат, не покорувајќи му се на словото; за тоа се тие и одредени.
9 Но вие сте род избран, царско свештенство, свет народ, луѓе придобиени, за да ги возвестите совршенствата на Оној, Кој ве повикал од темнина во Својата чудна светлина;
10 вие, кои некогаш не бевте народ, а сега сте народ Божји; кои не бевте помилувани, а сега сте помилувани.
11 Возљубени, ве молам, како придојдени и гости, да се пазите од телесните желби, што војуваат против душата,
12 имајќи помеѓу себе добри односи среде незнабошците, па тие, кога ве напаѓаат како злотворци, штом ќе ги видат вашите добри дела, да Го прослават Бога во денот на посетата.
13 И така, покорувајте се на секое човечко началство, поради Господа: било на цар, како на врховна власт,
14 било на намесници, како негови пратеници за казнување на злочинците, а за пофалба на добротворците!
15 Оти, таква е волјата Божја, – со добротворство да го задржуваме незнаењето на безумните луѓе,
16 како слободни, а не како такви што ја употребуваат слободата како покрив за злобата, туку – како слуги Божји.
17 Почитувајте го секого, браќата сакајте ги, од Бога бојте се, царот почитувајте го!
18 Слуги, покорувајте се на господарите свои, не само на добрите и кротките, туку и на лошите!
19 Оти тоа Му е угодно на Бога, ако некој, од сознание за Бога, поднесува скрб, страдајќи несправедливо.
20 Зашто, каква е пофалбата, ако трпите, кога ве бијат поради престапи? Но, ако трпите, кога правите добро и страдате, тоа Му е угодно на Бога.
21 Бидејќи вие сте за тоа повикани, оти и Христос пострада за нас, оставајќи на пример, за да врвиме по Неговите стапки:
22 Он не направи грев, ниту, пак, во устата Негова се најде измама;
23 кога на Него хулеа, Он не им одвраќаше со хули; кога страдаше, не заплашуваше, туку се потпираше на Оној, Кој праведно суди.
24 Он сам ги изнесе нашите гревови на дрвото со телото Свое, та за гревовите да умреме, а да живееме за правдата: »преку Неговата рана се исцеливте«.
25 Зашто бевте како овци изгубени, кои немаат пастир, но сега се обрнавте кон Пастирот и Владиката на вашите души.